Јакимовски: Новиот селектор сака брза игра и транзиција – тоа ветува добри игри!
Жолто-црвените на првите две средби забележа две победи, дома против Азербејџан и на гости кај Ирска, во кои кошаркарот на италијански Тренто постигнуваше 25,5 поени по натпревар, со што е најефикасен играч во националниот тим. Тој се истакна и во скок-играта со осум скока по меч, бројка што го израмнува со Џејкоб Вајли на врвот на листата на најдобри скокачи во репрезентацијата. Во пресрет на дуелот со Луксембург, кој се игра в петок (18 часот) во салата „Градски парк“, Јакимовски потенцира дека најважно е продолжување на позитивниот тренд.
„Треба да продолжиме да ја градиме тимската игра и хемијата. Сега, со новиот селектор, се обидуваме да поставиме систем. Краток е периодот за подготовка, но верувам дека ќе успееме“, изјави македонскиот репрезентативец.
Јакимовски предупредува дека противникот не смее да се потцени.
„Имаат добри кошаркари и очекувам квалитетен натпревар, но нашиот фокус е исклучиво на нас и на тоа да ја подобриме нашата игра, како што го направивме во претходниот циклус“, додава тој.
Јакимовски ги сподели и првите впечатоци од работата со новиот селектор Жозеп Мариа Берокал, потенцирајќи дека се работи на поинаков стил на игра.
„Селекторот сака брза кошарка и игра во транзиција. Поставивме неколку напади и систем во одбрана, со цел да играме со висок интензитет. Периодот е краток, не може сè да се имплементира за три-четири дена, но се надевам дека во летниот циклус ќе имаме повеќе време за работа и целосно ќе се постави неговиот стил“, заклучува Јакимовски.
Македонската селекција досега има одиграно четири средби против Луксембург и тоа во квалификациите за ЕП 2017 и во дивизијата Б за пласман на ЕП 2005 и во сите од нив дојдовме до победа.