Престијани го враќа ударот - ќе ги тужи Винисиус и Мбапе!?

Аргентинскиот интернационалец во редовите на Бенфика, Џанлука Престијани сериозно размислува да поднесе тужба против играчите на Реал Мадрид, Винисиус и Килијан Мбапе, за дискриминаторско однесување.

Вчера, Етичкиот комитет на УЕФА му изрече суспензија на Престијани за реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид поради кршење на членот од Дисциплинскиот кодекс на УЕФА за дискриминаторско однесување. Санкцијата на Аргентинецот е привремена и истрагата против него е во тек. Доколку се докаже дека е виновен, може да биде суспендиран на минимум 10 натпревари. Престијани негира дека го навредил Винисиус на расна основа. Сепак, Килијан Мбапе ги бранеше ставовите на својот соиграч по натпреварот и рече дека многу јасно слушнал дека Аргентинецот го нарекол „мајмун“. Пресстијани тврди дека не го навредил Винисиус и е лут на противничките фудбалери затоа што неосновано го набедиле.

По постигнувањето на единствениот гол, Винисиус го прослави својот гол со провокативен танц пред домашните навивачи. Бразилецот потоа му се пожали на судијата за расистички навреди од аргентинскиот крилен играч на Бенфика, Џанлука Престијани. Натпреварот беше прекинат 10 минути. На крајот од натпреварот, навивачите на португалскиот клуб фрлаа разни предмети, вклучувајќи шишиња и електронски цигари, кон Винисиус и другите играчи на Реал Мадрид.

Интересно е тоа што и покрај суспензијата, Престијани планира да патува за Мадрид и да го следи натпреварот од ложа.