
Пелистер има тежок испит во Париз - дуел со силниот ПСЖ!
Битолчани одлично ја стартуваа новата сезона во елитното натпреварување откако во првото коло го победија тимот на Загреб, но вистинскиот тест за силата е денеска.
Заврши ерата на ПСЖ под водство на Раул Гонзалез, негов наследник е данскиот стратег Мадсен кој не импресионира на стартот, но можеби му е потребно време.
За разлика од Пелистер, ПСЖ со пораз стартуваше во Лигата на шампионите и тоа убедлив. Французите загубија на гостувањето кај Магдебург со 37-31, па вечерва ќе ја бараат првата победа.
„Треба да го дадеме најдоброто од себе, да сме фокусирани и секојдневно да напредуваме. ПСЖ има супер тим, големи ракометари и одличен тренер. Нашата задача е да бидеме ефективни и да направиме да не му биде лесно на ривалот. Добро е што на почетокот од сезоната играме со нив, бидејќи како ќе одминува времето тие ќе бидат се подобри“, рече тренерот на Пелистер, Рубен Гарабаја.
Пелистер на овој натпревар ќе биде без голманот Саид Хаидарирад кој имаше одлична партија против Загреб, но се повреди. Во составот ги нема ниту полското засилување на десната бековска позиција Анџеј Видомски како и Илија Абутовиќ.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Пелистр почнува од 20:45 часот.