Пелистер е во Шпанија по изненадување и по бодови за осминафинале

Македонскиот вицепрвак, Пелистер минатата недела го совлада на гости Мотор и го направи првиот исчекор кон осминафинале во Европската лига, оставајќи ги на дното и Мотор и Агуаш Санташ без бодови. Сега има пред себе нов предизвик, да освои бодови на гостувањето во Ирун (20.45ч.) и да наталожи предност во трката по едно од четирите места во групата Д.

Ирун е екипа која досега има многу слично патешествие како битолчани во Европската лига. Од четири кола исто така освои четири бода, победувајќи ги португалскиот и украинскиот претставник, а губејќи од Фуксе и од Скандерборг. Разликата е во тоа што Бидасоа не беше толку убедливо совладана и има подобра гол-разлика од македонскиот претставник, но тоа може да се смени.

Целта на Ларс Валтер и неговите избраници е да врзат неколку натпревари со добра игра, но и да ја подобрат одбраната, која досега е најголем проблем. 

„Бидасоа Урун е една добра екипа, се работи за сериозен противник. Се подготвуваме овие неколку дена, иако знаеме дека е многу густ овој период, истолнет со многу натпревари. Ќе собереме сили и одиме во Ирун на победа, која би ни значела премногу и би ни овозможила големи шанси за пласман во следната фаза. Можам да кажам дека сме во нагорна линија, нашата форма оди нагоре, играме добро, остваривме две големи победи досега на гостински терен. Зошто да не биде ова третата? Сепак, има уште многу да се игра до крај на групната фаза, па затоа одиме со мирни глави на овај натпревар во Шпанија“, истакна македонскиот репрезентативец Ненад Костески.

Бидасоа го најави мечот со Пелистер со победа во домашната лига, бад Уеска (29-25), со која прекина серија од три порази, но од екипи кои се наоѓаат од второто до петтото место на табелата: Гранољерс, Куенка и Адемар. Ако успее да остане непоразен, Пелистер ќе си остави одлична почва со победа дома да изгради бодовна предност пред Шпанците и, можеби, да им го „украде“ третото место до крајот на фазата по групи. Поважно е што би го продолжил континуитетот добри мечеви во Европската лига и би им побегнал неколку чекори на Мотор  Агуаш Санташ, кои полека заостануваат во трка по осминафиналето.