Пелистер е аутсајдер во Орхус, нема што да загуби против Скандерборг!

Единствениот преживеан претставник од Македонија во конкуренциите на ЕХФ, екипата на Пелистер, вечерва (18.45) го игра првиот меч од пролетната полусезона во Европската лига. Битолчани се гости во Орхус, кај Скандерборг, екипа која важи за апсолутен фаворит, според досега виденото, во шесте одиграни кола од групната фаза.

Орхус-Скандерборг веќе му го зеде скалпот на Пелистер, на првиот меч во Битола, иако македонскиот вицепрвак не беше без шанси. Држеше приклучок до самиот крај, пред да загуби со 27-30. Тој епилог е некаква слика за квалитативниот однос меѓу двете екипи, но тоа се случуваше во октомври, па многу работи се сменети оттогаш, пред се формата и натпреварувачкиот ритам.

По јануарската пауза, Пелистер одигра два меча, во СЕХА-лигата и на двата забележа гостински порази (Војводина и Нексе).

„Последните два дена работиме со добар ритам и момците кои беа надвор од тимот почнуваат да го фаќаат тој ритам. Видливо беше дека ни недостига такво темпо на претходните два натпревари. Против Нексе беше нешто подобро, но мора уште малку да се подобриме. Овој викенд работевме одлично и тоа веќе изгледа солидно. Сакаме да одиграме добро во Данска и да донесеме бодови оттаму“, изјави тренерот Ларс Валтер, пред да отпатуваат во неговата татковина.

Јасно му е како ден колку е квалитетен ракометот во Данска и зошто Орхус е подобар од Пелистер. Меѓутоа, се поставува прашањето колку и кај нив влијаела јануарската пауза. За разлика од Пелистер, Данците одиграа само еден меч, во саботата и тоа загубија од Нордсјеланд, претпоследната екипа во тамошната најсилна дивизија.

„Квалитетот на данската лига е неверојатен. Викендов Орхус загуби од вториот најслаб тим во лигата и тоа покажува дека секој тим може да освои бодови против секого во данскотоо првенство. Сепак, Орхус-Скандеборг игра добра сезона досега, се наоѓа на шестото место, но тимот има падови и подеми. Наша цел е да ги фатиме во пад во вторник. Брзи се, треба да го сопреме нивниот контра напад. Околу 30% од головите ги постигнуваат од контра напади и не треба да ги правиме истите грешки како на последните два натпревари. На тренинг напорно работиме да ги сведеме на минимум техничките грешки. Тоа ќе го направите само ако го следите тактичкиот план и баш тоа се обидуваме да го сториме“, образложи Валтер.

Пелистер се наоѓа на четвртото место во групата Д, со пет бода од шесте кола, два помалку од Ирун Бидасоа пред него и два повеќе од Мотор зад него. Бодови се потребни за да се потврди пласманот на едно од првите четири позиции, кои водат во осминафиналето, но и за потенцијално качување погоре на табелата, што би значело, условно, полесен противник во нок-аут сегментот.