Норис направи чудо во Мадрид: Ова беше најдобриот круг во мојата кариера!

Актуелниот светски шампион во Формула 1, Британецот Ландо Норис од Мекларен, стана првиот возач кој освои најдобра стартна позиција на новата патека „Мадринг“, каде в утре (15 часот) ќе се вози трката за Големата награда на Шпанија.

Откако беше без позначителни резултати на трите слободни тренинзи и во првите два дела од квалификациите, Норис во својот последен круг извозе најдобро време (1:31,824 минути), надминувајќи го лидерот во генералниот пласман, Италијанецот Кими Антонели од Мерцедес, за само 11 илјадити делови од секундата. Овој успех претставува 19-та пол-позиција во кариерата на британскиот возач, кој не го криеше своето задоволство од перформансите во клучниот момент од квалификациите.

„Ова беше веројатно еден од најдобрите, ако не и најдобриот круг во мојата кариера. Имав прилично добра идеја што сакам да направам. Сè се поклопи“, изјави Норис по освојувањето на пол-позицијата.

Од вториот стартен ред ќе тргнат возачите кои ја одбележаа изминатата деценија и половина во Формула 1 – четирикратниот светски првак Макс Ферстапен од Ред Бул и седумкратниот шампион Луис Хамилтон од Ферари. Ферстапен заостана 140 илјадитинки зад Норис, додека Хамилтон беше поспор за 49 илјадитинки од Холанѓанецот. За само шест илјадитинки послабо време од Хамилтон имаше неговиот клупски колега Шарл Леклер, кој ќе биде во третиот ред заедно со Џорџ Расел од Мерцедес. Од четвртиот ред ќе стартуваат Оскар Пијастри од Мекларен и Лијам Лосон од Ред Бул, кој и на оваа трка го менува повредениот Французин Исак Хаџар.

Во пресрет на 14. трка од тековната сезона, водечкиот Антонели има 267 бодови, што е за 66 повеќе од неговиот тимски колега Расел (201). На третото место е Хамилтон со 191 бод, додека Норис се наоѓа на четвртата позиција со 171 освоен бод.