Парондо: Тешко ми е што си одам, ама Скопје секогаш ќе биде во моето срце!
Парондо како европски првак си заминува од Вардар, црвено-црните веќе го промовираа својот нов кормилар, Хосе Писонеро, кој е другар и со Раул Гонзалез, првиот што донесе европска титула во Скопје, а и со Парондо – творецот на чудото во Келн. Писонеро треба да продолжи таму каде што застанаа двајцата сонародници, а доскорешниот кормилар призна во интервју за СЕХА-лигата дека многу му е тешко што си оди од Македонија, пред сѐ зашто семејството не ни сакало да си оди од Скопје, кое останува во неговото срце.
„Жал ми е што ќе си одам. Многу размислував за оваа одлука, но треба да си заминам. Играчите знаат што мислам и како се чувствувам, дека имавме одлучувачка соработка. И сега тоа чувство не сакам да го расипам. Јас сакам само да им се заблагодарам на сите во Вардар и на сите што ме поддржуваа. Минав две прекрасни сезони. Моето семејство не сакаше да си оди, зашто во Скопје им е прекрасно. Многумина ми се заблагодаруваат, ама јас треба да им заблагодарам на сите. Скопје секогаш останува во моето срце“, вели Парондо.
Кога ќе се наврати на европската титула и дочекот пред десетици илјади навивачи на плоштадот, едноставно нема што да каже, зашто вели, такво нешто само се доживува, а во Шпанија никогаш не би го доживеал.
„Сите сега сфаќаат што направивме годинава. Кога ја освоивме европската круна сите бевме среќни, ама кога дојдовме во Скопје, тоа што се случи на плоштадот беше неверојатно. Не се опушува со зборови. И сега минаа две недели од тој успех, сега стануваме уште посвесни што направивме. Направивме нешто навистина големо! Во три сезони, Вардар е двапати европски првак. Вардар е најдобар тим во Европа. Тоа е фантастично, малку клубови имаат ваков резултат.
Во Шпанија ние не живееме вака за фудбалот, семејствата и пријателите се среќни, но само најблиските. Навивачите ќе ве гледаат, ќе ве поддржат, ќе бидат задоволни, но обичните луѓе – не е како во Скопје. Сигурно е дека таков дочек нема да се случи во Шпанија. Во Македонија, секог гол посебно се доживува, се чувствува“, додава Шпанецот.
И сѐ почна со епскиот пресврт против можната Барселона, камбекот после минус седум на полувремето, за историски подвиг и финале во кое против Веспрем со водство од прва до последна минута се искачија на тронот. После 2017 година, Вардар вторпат стана европски шампион.
„Ние верувавме дека можеме да го свртиме мечот со Барселона. Зашто игравме добро, зашто имавме добри позиции, но не дававме голови. Во некои ситуации Перез де Варгас одлично бранеше, но ние знаевме дека добро играме. Требаше само да продолжиме така и да веруваме во нашата игра. Кога дојдовме на минус четири, знаевме дека можеме да се вратиме. Никогаш не ја загубивме вербата. Ние имавме тешка сезона, со проблеми од најразлична природа и одевме чекор по чекор. Со Пик Сегед игравме во најлошиот период кога ни рекоа дека најверојатно проектот нема да продолжи. Потоа ја добивме Барселона, тоа беше неверојатна борба, победа, обезбедување на финале. Потоа ништо не е важно. Ракометарите знаеа, сите беа фокусирани – знаеа колку беше важно тоа финале!“, ги опишува 48-те часа од Келн и чудото за кое допрва уште ќе се прераскажува.
А, сите посебно забележуваат дека е мирен крај клупата, ладен како шприцер во моменти кога срцата трепереа...
„Мирен сум, зашто ако загубите контрола не може ништо да анализирате . Не е лесно тоа, но јас секогаш мислам на нешто. Се обидувам да бидам мирен. И изгледа дека сум мирен, но тешко ми е. Јас знам дека ако станам нервозен, може да загубам многу работи“, додава Парондо.