Ол-стар тим на сезоната во ЛШ: Ландин, Хансен и „пола Барселона“ (ВИДЕО)

На еден ден до почетокот на натпреварите на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите, Европската ракометна федерација го објави идеалниот тим за цела сезона. Во него доминира екипата на Барселона.

Дури четворица од седумте во „ол-стар“ тимот доаѓаат од каталонската гордост, предводени од организаторот на играта и некогашниот вардарец, Лука Циндриќ. До него е Дика Мем, како најдобар десен бек, а Алеиш Гомез и Лудовиг Фабрегас ги покриваат позициите десно крило и пивот. Најдобро лево крило е соиграчот на Кире Лазаров, од Нант, Валеро Ривера, а загарантирано е местото за Никлас Ландин од Кил меѓу голманите и на Микел Хансен од ПСЖ, како најдобер лев бек.

Хенрик Мелгард од Алборг е најдобар дефанзивец, додека Дилан Наи од Франција е најдобар млад играч. Ф4-турнирот во Келн почнува утре со дуелот ПСЖ - Алборг од 15.15 часот, а од 18.00, Барселона игра против Нант.