Охрид пред нов европски предизвик - доаѓа литванскиот Драгунас
Првата средба е закажана за денеска, а реваншот ќе се игра утре, на 22 ноември. Двата дуела започнуваат во 18 часот, па охриѓани ќе имаат можност пред домашната публика да го решат прашањето околу пласманот во следната фаза.
Охрид до оваа фаза стигна со одлични европски резултати. Во претходното коло македонскиот претставник беше убедлив против турскиот Спор Тото, совладувајќи го на двете средби со 36-24 и 38-22. Така, со вкупни 74-46, јасно покажа дека има амбиции повторно да стигне далеку во натпреварувањето. Литванците, сепак, не доаѓаат во Охрид без свои адути. Драгунас е водечки тим во домашното првенство, каде што во досегашниот дел од сезоната забележал девет победи на девет натпревари, со гол-разлика од плус 108. Во второто коло од Европскиот куп го елиминираше чешкиот Зубри со две победи – 28-22 и 34-28.
Интересно е тоа што Драгунас веќе има искуство со македонски противник. Пред две сезони играше против Алкалоид, но тогаш скопскиот тим беше подобар во двата натпревари, победувајќи со 42-31 и 37-31.
Пред двомечот, оптимизам во охридскиот табор најави Шуичи Јошида, кој потенцираше дека победата над Тиквеш позитивно влијаела врз самодовербата на екипата.
„По победата над Тиквеш, имаме самодоверба во одбраната и нападот. Одиме на победа во двата натпревари пред нашата публика како бранители на титулата во ЕХФ Европскиот куп“, порача Јошида.
За Охрид ова е нов важен чекор во обидот да ја продолжи европската приказна и да покаже дека минатосезонскиот трофеј не бил случајност. Со две средби пред своите навивачи, избраниците на Борис Ројевиќ имаат одлична можност да обезбедат место меѓу најдобрите 16 екипи во натпреварувањето.