Ѓуровски уште го памти историскиот хет-трик против Кипар: Бурно славевме таа вечер

Македонската фудбалска репрезентација повторно ќе ги одмери силите со Кипар, овојпат во баражот за опстанок во Б-лигата на Лигата на нации. Пред двата натпревари, оваа пресметка нè враќа и речиси три децении наназад, кога еден македонски фудбалер испиша историја токму против кипарската селекција.

Станува збор за Бошко Ѓуровски, кој на 17 декември 1994 година го постигна првиот хет-трик во историјата на македонската репрезентација. Тоа се случи во квалификацискиот натпревар за Европското првенство, во кој Македонија славеше со 3-0 благодарение на одличната голгетерска вечер на тогашниот репрезентативец.

Ѓуровски двапати ја затресе мрежата во првото полувреме, во 14. и 25. минута, додека третиот погодок го постигна во завршницата, кога со прекрасен лоб-удар го надмудри противничкиот голман. Поранешниот македонски репрезентативец со посебни емоции се врати на историскиот момент, откривајќи дека и по толку години совршено се сеќава на акцијата за третиот гол.

„Покрај мене во тој состав имаше фантастични стрелци, но ете се погоди јас да го дадам тој прв хет-трик за репрезентација, иако не постигнував премногу голови. Се сеќавам и денес на пасот од Мицевски по кој јас го лобував голманот…следеше големо славје по натпреварот, се славеше со музика, беа тоа навистина убави моменти кои секогаш кај мене будат многу емоции“, се потсети Ѓуровски.

Кога станува збор за претстојниот двомеч, неговата проценка е дека Македонија нема да има лесна задача. Според него, Кипар е далеку понапред отколку пред 32 години.

„Македонија во Лигата на нации не се покажа како добра, иако немаше ни среќа. Шансите ќе бидат 50-50, Кипар денес е многу подобра селекција од тоа време, напредуваат, имаат подобра репрезентацијата, првенството им е многу подобро, па така остваруваат и подобри резултати“, смета Ѓуроски.

Тој прави и споредба меѓу генерацијата во која настапуваше и денешниот национален состав. Смета дека тогашната репрезентација имала исклучително квалитетни поединци, но нагласува дека тоа не значи дека треба да се потценат фудбалерите кои денес го носат македонскиот дрес.

„Во составот во тоа време имавме фантастични играчи како: Мицевски, Бабунски, Најдоски, Калц, Митко Стојкоски…не сакам да ги потценам нашите фудбалери кои играат сега, сепак, тој тим беше многу силен, сите играа. Првенството на Југославија исто така беше многу силно, едноставно тоа беше едно друго време“, смета Ѓуровски.

Осврнувајќи се на последниот настап на Македонија во Лигата на нации, поранешниот репрезентативец посочува дека резултатите не биле на посакуваното ниво, но верува дека имало и моменти во кои недостигала спортска среќа. Сепак, поразот од Словенија го издвојува како натпревар на кој противникот бил далеку подобар.

„Во овој циклус сметам дека ни недостасуваше и среќа, игравме добро во одредени моменти, иако Словенија на последниот натпревар ни одржа една фудбалска лекција. Сепак, потребно е време, трпение и работа за резултатите да дојдат“, додаде поранешниот македонски репрезентативец.

Македонија и Кипар ќе го одиграат првиот натпревар на 25 март со почеток во 18:00 часот, додека реваншот е закажан за три дена подоцна, во 15:00 часот, на арената во Скопје. Двомечот ќе биде од голема важност за македонската репрезентација, која ќе се обиде да го задржи местото во Б-лигата.