Митрeвски бранеше како Супермен, но Порто го заврши настапот во ЛШ!

Македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски, бранеше одлично во вечерашното гостување на неговиот Порто кај Алборг, но тоа не беше доволно да го спречи поразот со 24-27, а со тоа и елиминацијата од Лигата на шампионите (ЛШ).

Данците реваншот од осминафиналето го добија со иста разлика со која Португалците победија во првиот меч (29-32), но меѓу осумте најдобри екипи се пласираа поради поголемиот број постигнати голови на теренот на противникот. Митрeвски на крајот собра 15 одбрани, од кои 12 беа во првото полувреме, кога имаше 57-отстотна успешност во одбраните, што неговите соиграчи не го искористија на најдобар начин.

Херој во домашниот тим беше Јенсен, кој го постави конечниот резултат и го однесе данскиот претставник во четвртфиналната фаза. Кај Алборг најефикасен беше Клар со шест гола, а покрај Митревски и неговите петнаесет одбрани, во редовите на португалскиот шампион се истакна Итуриза Алварез со шест погодоци.

Пласманот меѓу осумте најдобри тима во ЛШ го потврди и Кил, кој убедливо славеше и во вториот меч со Пик Сегед (33-28), што беше и идентичен резултат со кој Германците славеа и во првиот меч во Унгарија.