Манасков: ПСЖ е фаворит, но нема лесно да ја продадеме кожата!

Пелистер утре (среда) со почеток од 18:45 часот го пречекува ПСЖ во меч од Лигата на шампионите, Дејан Манасков е среќен што повторно ќе заигра во елитното ракометно натпреварување.

Новото засилување на Пелистер, Дејан Манасков утре ќе го има своето деби во зелениот дрес откако беше суспендиран за мечот против Вардар во домашното првенство.

„Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да започне утрешниот меч против ПСЖ. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми е што повторно ќе можам да настапувам во ЛШ по една година пауза. Мислам дека сме убаво подготвени, имаме еден добар моментум по онаа победа над Вардар“, вели Манасков.

„ПСЖ е во топ пет екипите во Европа, имаат еден изграден систем кој неколку години веќе функционира. И јас, но и останатите играчи знаеме каков стил на ракомет негува ПСЖ. Раул беше тука и во репрезентацијата и во Вардар“.

Пелистер има катастрофални резултати оваа сезона во ЛШ, само порази, но Манасков се надева дека тоа ќе се промени во наредните четири натпревари.

„Би им ја препуштиле улогата на фаворит, но нема лесно да ја продадеме кожата. Ќе дадеме сѐ од нас тука пред нашата публика и мислам дека можеме да изненадиме некој на последните четири натпревари. Тие доаѓаат малку уморни од светското првенство, свежината е на наша страна. Треба да веруваме во тоа што го работиме, ќе излеземе без респект и ќе се обидеме да направиме изненадување“.