Македонија слави уште еден меѓународен трофеј: Охрид го освои Европскиот куп! (ФОТО)

Македонскиот прволигаш Охрид е освојувач на титулата во ЕХФ Европскиот куп откако и во вториот натпревар од финалето ја совлада Татабања од Унгарија, со 31-25.

Охриѓани со тоа се надоврзаа на ланскиот триумф на Алкалоид во истото натпреварување, а во исто време го освоија првиот трофеј во историјата на клубот. Повеќе од 4.000 гледачи во салата „Билјанини извори“ во голема еуфорија го прославија најголемиот успех што го остварил досега Ракометниот клуб Охрид.

Татабања беше рамноправен противник во првото полувреме, водеше во четири наврати со еден гол разлика, но на голем одмор се замина со +1 за Охрид (12-11). Предноста на нашиот тим можеше да биде многу повисока, но блескаше гостинскиот голман Ариан Андо кој во првото полувреме оствари дури 11 одбрани, најголем дел од нив зицери.

Се беше решено во воведните четири минути од вториот дел во кои македонскиот тим направи 5-1 и поведе со највисоки пет гола разлика (17-12), предност која подоцна ја имаше во уште неколку наврати. Татабања не се предаде, се бореше до крајот, но најмногу што успеа да се доближи беше на два гола негатива, недоволно да се загрози победата на Охрид кој реваншот го почна со гол предност од првиот натпревар.

Косуке Јасухира одигра одличен натпревар, постигнувајќи девет гола од 12 шута, шест гола постигна Стрмљан, а уште четири Јагуриновски. На голот блескаше Кристијан Пилиповиќ кој оствари 13 одбрани.