Кокшаров: За жал, ова е реалноста на Вардар!

Вардар загуби од Веспрем лесно и убедливо, со 29-38 само како потенцирање на кризата во која функционира во последниве два месеца. Тренерот Едуард Кокшаров не должеше многу на прес-конференцијата по натпреварот и само посака подобра иднина.

Уште еден натпревар Кокшаров мораше да импровизира без класичен десен бек, иако Криштопанс беше на клупата. Се чувствуваше и отсуството на Дисингер, без класичен шутер од надворешната линија, а одбраната и понатаму остана проѕирна.

„Сакам да ѝ честитам на екипата на Веспрем на победата и на коректната игра. За жал ова е нашата реалност. Сега ќе го чекаме вториот дел од сезоната, ќе очекуваме да се комплетираме и подготвени да се вратиме во ЛШ“, изјави Кокшаров.

Следниот меч Вардар го игра на 5 февруари во Кил, а дотогаш се очекува да закрепне и Жозе Толедо, кој беше опериран во август и беше само претходница на веќе споменатите отсутни. Единствената позитивна точка од овој натпревар беше дебито на Васил Гогов, младиот голман кој летово го засили Вардар, а сега доби шанса пред Артурс Кугис и ја искористи со четири одбрани за едно полувреме.

„Честитки за Веспрем, го отворија мечот подобро од нас, направија разлика која ја чуваа до крајот. Не успеавме да им се реваншираме за поразот во Унгарија. Се надевам дека нам ќе ни се вратат повредените играчи и ќе бидеме подобри во втората полусезона“, рече Гогов.