Исланд лесно се справи со Црна Гора: Чека услуга од Данска за полуфинале

Репрезентацијата на Исланд славеше со 34-24 против Црна Гора во рамки на последното коло Групата 1 од главната фаза на Европското ракометно првенство. 

Исланѓаните доминираа во текот на целиот натпревар и уште на стартот најавија убедлива победа откако поведоа со 6-1. Предноста брзо дојде и +10, а на паузата резултатот гласеше 17-8. Ништо не се смени ниту во вториот дел, а Црна Гора успеа само неколку пати да намали на -6 разлика, но Исланд на крајот дојде до двоцифрена победа од 34-24.

Омар Инги Магнусон со 11 голови беше најдобар во победничкиот табор, додека кај Црна Гора, Милош Вујовиќ постигна 11 погодоци.

Со овој триумф Исланд сега има шест бодови, колку и второпласираната Франција, која пак вечерва игра против Данска. Исланд може да се пласира во полуфиналето само ако Франција загуби од Данска, која веќе е пласирана во полуфиналето. 

Исланд е подобар во меѓусебната пресметка со „триколорите“, бидејќи славеше со 29-21.