Имало бетер спортови: Вардар не е европскиот првак со најмала премија!

Ракометот не е некој профитабилен спорт, се уверивме во тоа и во 2017 година, кога Вардар ја освои европската титула и зеде околу пола милион евра за награда, кои беа една десетина од неговиот буџет. Сега кога парите се уште попотребни, цифрите се слични, арно ама може да се тешиме. Има спортови чии европски прваци се „поотепани“ од Вардар.

За целата сезона во Лигата на шампионите Вардар ќе инкасира 635.000 евра, минус казните од ЕХФ (околу 20.000 евра). Или разглобено, 500.000 за шампионската титула, 75.000 за двете нокаут-фази и 60.000 евра за самото учество во групната фаза од ЛШ.

Тоа делува малку во модерниот спорт, дури и во ракометот, во кој од пред некоја година се проби и линијата од еден милион евра за платена отштета за купување ракометар. Делува микроскопска трошка ако погледнете какви награди се делат од УЕФА и понижувачки во однос на кошаркарските прваци, меѓутоа ако сакаме да се тешиме има и „поотепани“ спортови.

Спорт1 ги најде и ги соочи наградните фондови на неколку екипни спортови, за да добиеме илустрација колкава е финансиската моќ на ракометот во европски рамки.

СПОРТОВИ, ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ И ПРЕМИИ

ФУДБАЛ – Ливерпул                    74,35 + 3,5 = 77.85 милиони евра

КОШАРКА(ЕЛ) – ЦСКА Москва   2.170.000 евра

КОШАРКА(ЛШ) – Виртус Болоња 1.220.000 евра

РАКОМЕТ – Вардар                      635.000 евра

ОДБОЈКА – Лубе Чивитанова      437.500 евра

ХОКЕЈ – Фролунда                       365.000 евра

Иако сликата во Македонија е поинаква, во Европа ракометот многу заостанува зад кошарката, кога се во прашање парите, а и двата спорта се светлосни години зад фудбалот. Ако е нешто блиско до нашата реалност, тоа е состојбата на одбојката и на хокејот во најсилните клупски натпреварувања.

Европскиот првак во ОДБОЈКА, на пример, инкасирал 437.500 евра за освоената титула во Лигата на шампионите на ЦЕВ. Таму наградите се даваат по победа, а не за секоја фаза. Се игра групна фаза со шест кола, потоа четвртфинале, полуфинале со двокружен систем и едно финале. Шампионот Лубе Чивитанова од групната фаза освоил максимум 17.500 евра, 20.000 евра за двете победи во четвртфиналето, а победниците во полуфиналето на добиваат ништо затоа што наградата за шампионска титула е 400.000 евра.

Во КОШАРКА има, практично, две паралелни натпреварувања и двете се побогати од ракометната ЛШ. Онаа поновата, Лигата на шампионите на ФИБА и Европлигата на УЛЕБ. И во двете финалната награда за шампионот е 1.000.000 евра, но се разликуваат за сумите претходно во сезоната. Таму Евролигата е подарежлива, па за секоја победа во групната фаза се добива 40.000 евра, а за победите во плејофот - 70.000 евра. Оттука, шампионот ЦСКА Москва прими 960.000 евра од групната фаза, 210.000 од плејофот и еден милион со титулата, или вкупно 2.17 милиони евра. 

Во ФИБА ЛШ премиите се исто како и во ЕХФ, по фаза, за групната 50.000 евра, за осминафиналето 70.000, за четвртфиналето 100.000 и „милионче“ за титула, па Виртус Болоња се скраси со 1.12 милиони евра.

Од листава која ја прикажавме, најслаб е ХОКЕЈОТ, со премија од 365.000 евра за освојувачот на титулата во ЛШ, но овој спорт има рапидно расте, па веќе се предвидени буџетите за 2022/23 сезона, кога шампионот ќе добие 725.000 евра. Проверивме како стојат работите и во ВАТЕРПОЛО, но таму целиот награден фонд е помал од 500.000 евра, а шампионот зема помалку од 100.000.

И по сето ова излегуваме од реалноста и погледнуваме во светот на ФУДБАЛОТ. Таму сумите си поигруваат со нервите на просечниот човек, затоа што ближат кон три цифри изразени во милиони евра. Впрочем, лудилото почна од пред некоја година, кога сумите за купување фудбалери станаа безобразно високи, така што сега дури изгледа скромно сумата од 74,35 милиони која Ливерпул ја собра низ сезоната. На тоа треба да се додаде и премијата од 3,5 кога ќе учествува во УЕФА Супер купот во август.

Веројатно и мора да биде олку висока сумата за најдобриот во УЕФА ЛШ, кога веќе буџетите на клубовите и федерациите се такви. Во случајот на спортовиве во сала, нереален е соодносот, бидејќи еден Веспрем со 12 милиони евра буџет и да ја освоеше ЛШ, ќе добиеше 5% од него. Да не зборуваме за ПСЖ, чиј буџет е поголем од многу кошаркарски екипи. Дури и тие се за жалење, ако се види односот меѓу наградите и буџетот. ЦСКА Москва можеби освои трипати поголема награда од Вардар за титулата, ама нејзиниот буџет изнесува 36 милиони евра(!), од кој 18 милиони се само за плати на кошаркарите.