Хрватите се пласираа во полуфинале, па пак удрија по организаторот!

Ракометната репрезентација на Хрватска ќе се бори за медал на Европското првенство откако ја совлада Унгарија со 27-25 и се пласираше во полуфиналето. По мечот Хрватите уште еднаш ја потенцираа лошата организација на континенталниот турнир.

Хрватите, но и другите имаат многу забелешки за организацијата на Европското првенство, впечатокот е дека турнирот не го организира некој што бил спортист. 

Најмногу се критикува распоредот кој е неверојатно густ и нелогично направен, а често на мета е и очајното судење.

„Сè уште не сме размислувале за нашите противници. Одиме од натпревар во натпревар, даваме сè од себе. Мртви сме, игравме вчера, играме денес, патуваме во Хернинг четири часа утре. Каква организација е ова? Лудо е. Треба малку да се запрашаат. Полуфиналињата се играат. Еден или двајца полуфиналисти патуваат со автобус четири часа. Како да се регенерираат? Не разбирам. Кој ќе ги плати повредите на нашите играчи на ова првенство. Никој. Но, така е, ќе се бориме, ќе дадеме сè од себе. Одиме на нови победи“, рече Давид Мандиќ.

Фото: ЕПА