Големо изненадување: Целје му одржа лекција на Кил!

Ракометарите на Целје направија вистинска сензација денеска откако го победија германскиот гигант Кил, третопласиран на последниот фајнл-фор во Келн, после победата со 38-36 во второто коло во ракометната Лига на шампионите.

Иако одлично го отворија мечот, па во првите десет минути дојдоа и до плус четити (8-4), ракометарите на Кил застанаа и сѐ потоа беше во знакот на Словенците, кои брзо дојдоа на средина од првиот дел до егал (10-10), а потоа со серија од 4-1 дојдоа до највисоките плус четири кои ги имаа уште двапати до паузата, а во вториот дел со стартната серија од 3-0 стигнаа и до највисоките плус шест (20-14).

Кил сѐ што успеваше во вториот дел е да ја преполови разликата со максимални три негатива, а Целје најчесто ја држеше предноста помеѓу три и пет гола, во завршницата имаше уште еднаш плус шест (36-30) и веќе беше јасно дека ќе победат, па Германците во самиот финиш се изборија само за достоен пораз.

Влах со девет гола беше предводник во победата, Цокан и Иванковиќ дадоа по пет, додека кај Кил, Виничек постигна 10 гола, Јакобсен додаде шест, а Јохансон пет.

Алборг без многу мака и убедливо го победи Елверум со 33-25 на гостувањето за втора победа во групата во која Хоксер даде седум гола, а Хансен и Нилсен по шест.