Французите лесно ги прегазија Португалците – со рекорден напад во првото полувреме!

Ракометната репрезентација на Франција дојде до убедлива победа над Португалија (46-38) во третото коло од главната фаза на Европското првенство, втората за нив во втората фаза, со што ги задржа реалните шанси за пласман меѓу четирите најдобри селекции.

Прашањето на победникот беше решено уште во првото полувреме, во кое „триколорите“ одиграа на исклучително високо ниво и постигнаа дури 28 погодоци, што е рекордно остварување на еден континентален собир. Португалците не успеаја да парираат на темпото и ефикасноста на фаворитот. Во продолжението Франција рутински го контролираше натпреварот, дозволувајќи си и поопуштена игра, но без да ја доведе во прашање конечната разврска. Разликата беше доволна за мирен финиш и освојување на значајните бодови.

Дика Мем беше најефикасен во победничкиот состав со осум погодоци, додека Фабрегас придонесе со шест. Кај Португалија се истакна колективниот учинок, со пет ракометари кои постигнаа по пет гола – Брандао, Бранкињо, Фраде, Итуриза и Роча.

Во следното коло Франција ќе се соочи со Шпанија, додека Португалија ќе бара поправен против селекцијата на Норвешка.

ФОТО: EPA PHOTO