Анонимец од Италија сензационално победи на најпознатата патека за спуст (ВИДЕО)

Речиси непознатиот Италијанец, Џовани Францони, направи голема сензација на најпрестижниот спуст во Светскиот куп, откако денеска триумфираше на легендарната патека Штрајф во Кицбил со време од 1:52,31 минути.

Тој стартуваше со бројот два и уште на почетокот беше јасно дека поставил високи стандарди, но малкумина очекуваа дека токму неговото време ќе остане недостижно до крајот на трката. За 24-годишниот Италијанец ова е прва победа во спуст во кариерата, а вкупно втора во Светскиот куп, по триумфот што претходно го забележа во супер-велеслалом.

Фаворитите еден по еден се обидуваа да го симнат од врвот, но без успех. Најблиску до сензационалниот победник беше Марко Одермат, кој заостана само седум стотинки и мораше да се задоволи со второто место. Изненадувањата не застанаа тука, бидејќи на подиумот се искачи и 35-годишниот Французин, Макс Мусатон, кој со стартен број 29 ја освои третата позиција, со заостанување од 39 стотинки зад победникот.