Еурофарм Работник подготвен за дебито во ЛШ: Имаме сили да го изненадиме Спортинг!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работниик в недела од 17 часот ќе дебитира во ракометната елита со пресметката во Битола, во салата „Боро Чурлевски“ против португалски Спортинг Лисабон, кој е прв фаворит во групата во послабата половина од елитното натпреварување.

После успешното деби во регионалната СЕХА-лига, ботолчани сакаат успешен старт и во ЛШ, иако се свесни дека пред нив е најтешкиот ривал. Гоце Ојлески пред дуелот посочи дека без оглед што Спортинг е фаворит на мечот, но и во групата, Еурофарм има сила да направи изненадување.

„По дебито во СЕХА лигата, ни следи нов воведен натпревар и за нас е голема чест што сме дел од Лигата на шампионите, што ќе се натрпеваруваме со најдобрите во Европа. Спортинг е фаворит, не само на овој натпревар, туку и во групата, но кај нас владее позитивна енергија, добро сме подготвени и можеме да изненадиме “, вели Ојлески.

Тренерот на Работник, легендата Стевче Алушовски посочи дека ќе се обиде да најде противигра против брзите ракометари на Спортинг, а додаде дека враќањето на Остроушко е добредојдено за овој тим

„Немавме среќа со ждрепката, зашто ќе играме на стартот со најсилната екипа во групата, па потоа следат две гостувања. Добро го анализиравме Спортинг, играа четири официјални натпревари и забележаа четири победи. Имаат нов тренер, играат брзо, препознатливо, но ние ќе се обидеме да најдеме противигра. Влад беше еден од клучните ракометари минатата сезона и радосен сум што се врати. Штета што доаѓа без натпреварувачки ритам, но сигурно ќе го користиме во текот на сезоната, а и очекувам да добие шанса уште в недела. Имаше проблем во Романија со работна дозвола и беше прекуброен странец, но нам ќе ни биде значаен играч“, заврши тренерот на битолчани“, додава Алушовски.