ЕХФ вели Вардар е осми фаворит за титулата во ЛШ!

На еден ден до почетокот на новата сезона во ракометната Лига на шампионите, ЕХФ го извади т.н. power ranking, односно рангирање на клубовите учесници според тоа како се засилиле во преодниот рок и во каква форма е нивната екипа во оваа рана фаза од сезоната.

Вардар е во топ-10 фаворити во ова рангирање или поточно, на осмото место. Од ЕХФ ги препознаваат темелните промени кои се случија во клубот и затоа велат, тренерот Алушовски го чека голема работа.

„Десет играчи го напуштија Вардар ова лето, а девет пристигнаа, што значи, Стевче Алушовски ќе мора повторно од почеток. Доаѓањето на Марко Вујин и Борко Ристовски ќе го  донесе толку потребното искуство. Во нивното прво натпреварувачко појавување во новата сезона, шампионите од 2019 стигнаа до финалето на СЕХА-лигата'“, пишуваат од ЕХФ.

Зад Вардар на ова рангирање се неговиот утрешен противник, Мешков Брест на десеттото место и Нант на Кире Лазаров на деветото. Седми е тимот на Никола Митревски, Порто, шести Пик Сегед, а најдобрата петорка почнува со Кјелце.

Очекувано, првите четири се екипите кои ќе се бодат за пехарот и во прекинатата сезона 2019/20, на задоцнетиот Ф4-турнир во Келн, во декември. ПСЖ е четврти, Кил на третото место, Барселона втора, а Веспрем на Дејан Манасков важи за прв фаворит.