ЕХФ ја одби жалбата на Начевски – останува суспендиран на две години!

Поранешниот судија, а долги години главен за сите европски судии, Драган Начевски, ќе мора да ја „отслужи“ двегодишната суспензија, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска и официјално ја одби неговата жалба.

ЕХФ почна постапка против Македонецот по видео-снимка на данската ТВ2, на која се гледа како кинески бизнисмен му нуди мито на нашиот функционер, во тоа време член на натпреварувачката комисија на ЕХФ, кое тој веднаш го одбива. Но и покрај тоа, почна процес против Начевски и тоа поради непријавување на целата случка кај одговорните лица.

Покрај суспензијата од две години, тој ќе треба да плати и 5.000 евра како казна за прекршување на регулативите на ЕХФ и Кодот на однесување на европската куќа на ракометот. Во одлуката се наведува и дека Начевски ќе може да поднесе жалба до Европскиот ракометен Суд за арбитража и тоа во рок од 21 ден по одбивањето на претходната жалба.