Миовски: Цела екипа треба да функционира за да се постигне гол!

Фудбалерите на Македонија повторно разочараа и загубија во пресметката со Шкотска (0-2) во третото коло од Б-дивизијата во Лигата на нации, но посебно загрижува фактот што долго време немаме постигнато гол.

Напаѓачот на Македонија, Бојан Миовски смета дека репрезентацијата треба да функционира заедно за да постигне гол и конечно да ја прекине црната серија.

„Примивме многу рано гол и мислам дека тоа беше клучен момент. Шкотска е силна физичка екипа, требаше да играме повеќе со топка и да ги натераме повеќе да трчаат, но влеговме во нивната игра. Загубивме многу топки на теренот и тоа вакви репрезентации знаат да го казнат.

Мислам дека треба да играме офанзивно и да бидеме поопуштени во таа трета зона. Секој натпревар носи свој притисок, за да се постигне гол треба да функционира цела екипа, а исто е и да се брани нашиот гол. Заедно ја носиме таа одговорност. Треба да создаваме повеќе шанси и да бидеме офанзивни. Ќе дадеме сè од себе против Швајцарија“, кажа Миовски.