Е. Пелистер со исти сили, кон уште поголем успех со Спортинг (ФОТО)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаат намера да приредат фешта вечерва во Битола, со потенцијална победа против Спортинг, во шестото коло од Европската лига на ЕХФ. По возбудливото реми пред седум дена во Лисабон, тренерерот Жељко Бабиќ без промени во составот сега го пречекува истиот ривал.

Ретко кога во спортот постои шанса за поправен испит, а Е. Пелистер ја има таа можност вечерва од 20.45 ч. во пред својата публика, во „Боро Чурлевски“. Победа над Спортинг ќе има неколкукратен бенефит за македонскиот вицепрвак. 

Прво, ќе докаже дека навистина е подобар тим од португалскиот, имајќи предвид дека во минатото коло го контролираше, речиси, цел натпревар, но ја пропушти шансата за победа во завршницата. Понатаму, два бода од оваа средба би биле огромен чекор кон осминафиналето, со четири преостанати средби до крајот на групната фаза, но и ќе значат кандидатура за првите две позиции, кои, по теорија, би требало да донесат полесни противници напролет.

И на крај, победа ќе значи уште една инјекција со самодоверба за „пелистерци“, кои како ретко кога се наоѓаат во серија од четири натпревари без пораз во Европа, од нив две победи и тоа токму во периодот кога ќе играат многу важен натпревар и на домашниот фронт, против Вардар на 15 декември.

Со оглед дека е задоволен со тоа како функционираше тимот во Лисабон, со потребните корекции, Бабиќ ги извади истите 16 и за вечерашниот меч. Противникот нема двајца ракометари од таа средба, а како замена доведе само еден.