Добар Вардар во Германија, но Кил за нијанса ја грабна победата

Вардар не успеа да избегне пораз и шести пат едноподруго во Лигата на шампионите, овој пат на гостувањето кај Кил, меѓутоа со кренати глави и со чиста совест ракометарите ја напуштија некогашната „Шпаркасен арена“, по ново „Вундерино“, бидејќи одиграа храбро и квалитетно.

Кил може да биде среќен со победата од 32-30, бидејќи црвено-црните пропуштија два-три зицера во последните неколку минути за завршницата да стане уште потензична. Дарко Ѓукиќ имаше шанса да намали на минус еден на 50-тина секунди до крајот, но го промаши голот во контра, а претходно Никлас Ландин се испречи пред Кевин Њокас, за да ја сочува предноста на Кил.

Таа достигна плус пет уште во првиот дел, а потоа и шест позитива во вториот, но Вардар покажа еден квалитет на жилавост, карактер со кој успеваше да се враќа и по кратките минути криза. Првите такви дојдоа по десетина минути игра, кога „зебрите“ ја прекинаа рамноправната и течна игра и направија серија од 5-0. Дојдоа до 9-5, а во 15. минута и до највисоки 11-6, меѓутоа Вујовиќ викна тајм-аут и работите се сменија, пред се во одбраната на Вардар.

Кил не можеше да го надмудри блокот на Тото и на Дијало, се придодаде и Томовски со неколку интервенции, а за тоа време реализацијата остана на високо ниво и во 24. минута беше 13-13. Филип Јиха се обиде со менување на тројцата организатори, Сагосен, Дувњак и Зарабец, потоа и со игра „7 на 6“ во нападот, по што го врати водството на 18-16 на големиот одмор.

Вардар добро го почна вториот дел, но изгледа неизбежни беа повторно минутите на криза, овој пат од 38. до 43. кога со неколку загубени напади му помогна на Кил да направи нова серија од 5-0, за водството да достигне највисоки 26-19. Добрата одбрана уште еднаш беше фактор за камбек, но не целосен. Сите 11 играчи на Вардар кои шутнаа постигнаа, барем, еден гол, а брилираше Анте Кудуз со девет од девет, помогнат од Жереми Тото со пет гола. Сагосен постигна осум, по пет Ериг и Дувњак, додека Мартин Томовски и Никлас Ландин имаа по 11 интервенции.

Со шестиот пораз, Вардар остана на шестото место во групата, со пет бода, а Кил со 13 се качи на второто, со два помалку од лидерот Монпелје. Следниот меч е во Загреб, на 8 декември.