Дибиров отвори душа за Самсоненко: Човекот сега ги плаќа туѓите ветувања!

Вардар минатата година во јуни по вторпат ја израдува македонската јавност, откако го освои повторно трофејот во Лигата на шампиони, по што им беше организиран огромен пречек низ улиците и градскиот плоштад во Скопје, но неколку месеци подоцна „црвено-црните“ се соочуваат со огромна финансиска криза, поради што неколку ракометари веќе си заминаа.

Тимур Дибиров кој настапува за европскиот шампион уште од 2013 година даде огромно интервју за „Балкан-хендбол“ ја отвори душата и кажа што се случува во Вардар.

„Не можеме да направиме ниту тренинг како што треба. Многу ракометари заминаа, тоа е нивни избор и мора да го почитуваме. Наш проблем е тоа што немаме доволно играчи ниту за тренинг. Тренираме два на два или три на три. Во последните четири-пет месеци немаме квалитетни тренинзи“, вели Дибиров.

Дибиров вели дека не се откажуваат од борбата за петтата позиција во групата и не мисли за противникот во нокаут-фазата.

„Ќе се бориме додека постои шанса за петтото место. Играме против Монпелје во последното коло во групната фаза и не се плашиме од нив. Поминавме низ оган, вода и бевме добри и лоши, но секогаш имавме почит кај сите екипи. тоа е нашата предност“, вели Русинот.

Русинот вели дека е тешко кога мора долго време да трпат исти проблеми, за кои очигледно решение засега нема.

„Кога почна втората сезона со истите проблеми... Немаше иста емоција, природно, зашто чекавме премногу и загубивме енергија. Се потрошивме. Нема оган, разочарани сме. Сите маме семејства, планови, спортист е човек кој мора да се чувствува добро и мора да има мотивација за спортот и семејството. Ти можел да издржиш половина година, можеши сезона, но веќе втората година е многу тешка. Кога си дете, некој не ти плаќа два месеци, ја земаш опремата и си заминуваш. Сега сме одговорни луѓе, имаме деца, поинаку е...“, кажа рускиот ракометар.

Според зборовите на рускиот ракометар, Сергеј Самсоненко во моментов плаќа за ветувања на некои луѓе, кои кажале дека ќе му се помогне на европскиот шампион, но на крајот не мрднале ниту со прст.

„Ако постоеше некоја шанса да се спаси клубот, тоа беше да ја освоиме Лигата на шампиони и кога го напраивме тоа, ни кажаа дека Вардар ќе преживее, а тука не зборувам за луѓе од клубот, туку за моќни луѓе од државата. Ни кажаа дека имаме поддршка и дека никогаш нема да останеме сами. Знам дека има луѓе на кои не им е сеедно, има навивачи кои го сакаат Вардар, кои од срце навиваат секој меч, но народот не може да ја промени ситуацијата. Можам да разберам дека имавме период со две титули во три години во елитното натпреварување и дека е време да се намали буџет, нека биде на половина, тоа би можел да го разберам. Сепак, не можам да разберам кога ќе се спушти тоа на нула? Тоа е чудно. Знаеја во какви проблеми е клубот, кажаа дека ќе помогнат и на крајот - ништо. Сега и Сергеј е во ситуација да ги плаќа долговите за тоа што другите луѓе го ветуваа. Ако луѓето зборуваат дека Самсоненко сакал да го затвори клубот минатото лето, тој не го затвори од една причина, а тоа е зашто му беше ветена помош. Тој ни кажа дека му е тешко и не може повеќе да го финансира тимот“, открива Дибиров.

Русинот застана во одбрана на својот сонародник и кажа дека тој престанал да дава изјави бидејќи никој не му помогнал на клубот, иако Сергеј јавно побарал неколку пати.

„Сега сите го критикуваат Сергеј затоа што не дава изјави. А до кога да бара јавна поддршка? Колку пати треба да го повтори истото? Дали воопшто треба да го бара тоа, кога веќе постигна такви резултати? Ние го разбираме, имаме голема почит кон него, но политичките игри, неговиот бизнис, ние како играчи не треба да зависиме од такво нешто. Имаме свои кариери. Во овој момент немаме доволно ракометари ниту за сериозен тренинг. Луѓето кои разбираат трнеинг, знаат што ни се случува“, вели тој.

Цело интервју на рускиот ракометар може да го прочитате ТУКА.