Апсурдна ситуација во Бундеслигата: Кил не смее да го победи Фуксе ако сака да оди во ЛШ!

Новата реформа на ЕХФ повторно предизвика големи полемики во европскиот ракомет, а најмногу реакции има во Германија. ЕХФ донесе одлука од сезоната 2026/27 Лигата на шампионите да биде проширена од 16 на 24 екипи, со нови правила за пласман.

Според новиот систем, директно место во елитното натпреварување ќе добива и актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, како и победникот на Европската лига, дури и ако преку домашното првенство не обезбедат место меѓу најдобрите.

Токму поради тоа се создаде необична ситуација пред големото дерби во германската Бундеслига помеѓу Кил и Фуксе Берлин.

Кил ја започна сезоната со цел да избори пласман во Лигата на шампионите, но поради големата бодовна негатива, тоа преку Бундеслигата сега изгледа речиси невозможно. Сепак, германскиот гигант сè уште има шанса да се пласира во елитата ако ја освои Европската лига на завршниот турнир во Хамбург кон крајот на мај.

Но, ниту тоа можеби нема да биде доволно. Постои можност Фуксе Берлин да го освои завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн, а притоа во Бундеслигата да заврши дури на третото место зад Магдебург и Фленсбург. Во таков случај, токму Берлин, Магдебург и Фленсбург би обезбедиле место во следната сезона од Лигата на шампионите, додека евентуалниот трофеј на Кил во Европската лига би останал без значење кога станува збор за пласманот во елитното натпреварување.

Поради тоа, Кил практично би морал да навива Берлин сезоната да ја заврши на второто место во Бундеслигата, за нивниот можен европски успех да има вредност.

Целата ситуација предизвика бројни критики во германскиот ракомет, а меѓу оние кои јавно реагираа е и искусниот дефанзивец на Кил, Хендрик Пекелер.

„Ова е чудна ситуација, да не кажам луда и сигурно не е во духот на спортот. Ќе дадеме сè од себе затоа што тоа им го должиме на нашите навивачи“, изјави Пекелер пред дербито.

Фото: THW Kiel