Ангеловски: Ривалот ги искористи нашите грешки и заслужено победи во Битола!

Пелистер одигра уште еден лош натпревар во Лигата на шампиони (ЛШ) и загуби од Фуксе Берлин со 22-30 во второто коло од елитното натпреварување.

Тренерот на битолчани, Бранислав Ангеловски им ја честиташе победата на ракометарите на тимот од Берлин и посочи дека гостите успешно ги искористиле сите грешки на Пелистер.

„Му честитам на ривалот за победата и одличната игра. Денеска загубивме од подобар противник кој добро играше во сите 60 минути и го искористи нашиот пад во вториот дел од првото полувреме. Мислам дека тука се реши натпреварот, имавме негатива од еден-два гола разлика, по што почнаа проблемите и мечот доби друга димензија. Сметам дека големиот број промашени зицери дополнително му помогнаа на гостинскито тим. Имаме уште многу за играње, а воедно ме радува тоа што добивме уште еден член од нашиот млад тим“, кажа Ангеловски.

Младиот ракометар Самоил Ристевски доби шанса и веднаш го покажа својот квалитет, по што кажа дека си го исполнил сонот и настапил во ЛШ.

„Да се игра во Лига на шампион е остварување на сонот на секое дете. Денеска Фуксе Берлин беше подобар, а ние собравме искуство и се надеваме на подобри настапи во иднина“, вели Ристевски.