РК Алкалоид одигра 31-31 на гостувањето кај Баја Маре во првиот четвртфинален натпревар од Европскиот куп.

Алкалоид покажа две лица на овој меч, беше на чекор до победата, но домаќинот се спаси во финишот.

Кире Лазаров не може да смета на својот најдобар играч, Марко Митев кој е во аут поради повреда, но и покрај тоа малку фалеше македонскиот тим со победа да се врати од Романија.

Баја Маре подобро го почна мечот, домаќинот беше одличен во првото полувреме кое го доби со 19-15, се чинеше дека Алкалоид е блиску до пораз, но во вториот дел се променија работите.

Алкалоид почна полека да ја топи предноста на домаќините и наскоро комплетно го сврте резултатот. Тимот од Автокоманда дури направи водство и од три разлика, 27-24. Во самиот финиш момците на Лазаров имаа предност од два гола, беше 31-29, но Баја Маре успеа да изедначи на конечни 31-31.

Серафимов и Петковски со по седум гола беа најефикасни во составот на Алкалоид. Баја Маре одигра тимски, дури шест играчи им постигнаа по четири погодоци.

Реванш натпреварот е идниот викенд, ремито од Романија му дава предност на Алкалоид за пласман во полуфиналето.