Алкалоид може да добие екстремно тежок, но и ептен лесен ривал во квалификациите!

Екипата на Алкалоид, која веќе неколку години наназад се етаблира како рамноправен дел од елитната ракометна тројка кај нас (заедно со Вардар и Пелистер), во своето второ европско учество напредува еден ранг и по освојувањето ан Еврокупот следната сезона ќе игра во Европската лига.

„Фармацевтите“, сепак, ќе мора да минат еден квалификациски филтер за да се најдат во посакуваната групна фаза, каде загарантирано место имаат црвено-црните од Скопје, кој може да биде екстремно тежок, но и ептен лесен. Според рангирањето од ЕХФ на 24-те тима што ќе играат во елиминациската рунда, Алкалоид ќе стартува од полошата половина, што за ривал може да им донесе тимови како ТСВ Хановер, Савехоф, Елверум или португалска Мадеира. Но, македонскиот тим би можел да добие ривал по мерка хрватско Сесвете или еден од двата швајцарски тима, Берн и Луцерн.

Ждрепката е закажана за 15 јули, а средбите од квалификациите ќе се одиграат помеѓу 30 август и 7 септември.