Алборг по голема драма ја реши Барселона, Загреб го шокира Пик Сегед

Данскиот тим Алборг славеше во дербито против Барселона со 36-35, додека Загреб оствари важен триумф на гостувањето кај Пик Сегед со 27-26 во Лигата на шампиони (ЛШ).

Алборг ја контролираше играта од самиот почеток на мечот, па во еден момент поведе со 19-13, а со висока разлика замина и на паузата (23-18).

Барселона подобро го отвори второто полувреме и веднаш ја „стопи“ негативата на само еден гол (23-24). Алборг не му дозволи на ривалот да израмни, иако шпанската екипа до самиот крај се бореше и на крајот загуби со 35-36. Најефикасен во редовите на Алборг беше Арнолдсен со девет голови, додека Дика Мем постигна девет погодоци за Барселона.

Пик Сегед водеше само на стартот (2-1), по што Загреб направи пресврт и го доби првото полувреме со 15-13. Во вториот дел продолжи да расте предноста на хрватската екипа на пет гола (23-18), но во завршницата домаќините успеаја да намалат на само еден гол (26-27). Најдобар кај хрватската екипа беше Звонимир Срна со осум голови.

На третиот меч кој се играше од 18.45 часот, Колштад го совлада Нант со 29-28.