„Ако голманите имаат 13-14 одбрани - може да биде пресудно!“

Металург го игра претпоследниот натпревар од групната фаза в сабота, против Мотор Запорожје, екипата која му се лизна низ прсти на гостинскиот меч, иако важеше за апсолутен фаворит. И овој пат Александар Јовиќ им ја препушта фаворитската улога и посакува добра одбрана.

Металург имаше плус девет во Украина во првото полувреме, но на крај резултатот гласеше 28-28. Натпреварот кај Мотор е еден од оние кои остануваат репер за сите понатамошни. Токму затоа со него почна и на денешната прес-конференција Александар Јовиќ предводникот (во моментов) на Металург. Се надева на подобра одбрана што би им помогнало на голманите. Тие, вели Јовиќ, може да бидат пресудни.

„Двата најдобри натпрервари за Металург во Лигата на шампионите беа на гости кај Мотор и во Русија. Без разлика што извадивме реми, тој дуел со Мотор ни беше најдобар оваа сезона, а на саботниот натпревар фаворитската улога им ја даваме на гостите. Се работи за искусна и квалитетна екипа, а нашите шанси ги гледам во добрата одбрана. Факт е дека на последниве дуели играме слаба одбрана, ако ја подобриме неа мислам дека и нашите голмани ќе бранат добро и ќе достигнат некои 13-14 одбрани што би можеле да бидат пресудни.

Металург имаше добри партии оваа есен, но загуби повеќе од што требаше. Тоа се должи на неискуство, неконцентрација или кој знае што, важно свесни се и во стручниот штаб.

„Овој натпревар треба да ни ја дигне самодобеврбата, бидејќи освен оној дуел со Чеховски дома, игравме генерално добро на сите други натпревари, ни фали тоа искуство во некои моменти од натпреварот кога се крши резултат и влегуваме во некои грешки поради неискуството и мислам дека поради тоа загубивме на некои средби каде што можевме да забележиме позитивен резултат“, додаде Јовиќ.

За промена, оваа недела тој имаше помош од Лино Червар, кој, сепак, ќе остане на трибините за овој натпревар. Неговото пристуство сигурно им значеше и на играчите, кои велат дека скаат да победа, без разлика што ги загубија шансите за второ место во групата Д.

„Знаеме што нѐ чека во сабота, го знаеме добро противникот, одигравме таму еден добар натпревар, покажавме како се игра одбрана и како се игра во напад. Можевме да загубиме, но заврши нерешено. Мотор е искусна екипа, со добри поединци и доаѓа овде да нѐ победи. Иако ги загубивме шансите за следна фаза, ветувам дека ќе одиграме најдобро што знаеме и дека ќе одиме на победа. Ние сме млада екипа, ни треба поддршка, од натпревар во натпревар растеме како тим и се надевам на позитивен резултат.“, изјави Кузмановски.

Мечот се игра в сабота во 17 часот и 30 минути.