Земјотрес во Битола: Пелистер остана без тренер пред дербито на сезоната со Вардар!
Шпанскиот стратег си заминува од Битола пред истекот на договорот, додека раководството најави дека наскоро ќе го објави неговиот наследник. Под негово водство, битолскиот состав победи во Суперкупот на Македонија и одигра десет натпревари во Лигата на шампионите сезонава, во кои оствари две победи. Гарабаја во својата последна изјава како тренер на зелено-белите се обиде да ја објасни причината за заминувањето, истакнувајќи дека недостигот од поддршка бил пресуден.
„По натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од околината. Очекував реакција во Загреб, но бидејќи таа не дојде, се решив да ја понудам мојата оставка. Верувам дека моето заминување во овој момент може да донесе позитивна реакција кај тимот,“ изјави Гарабаја.
Земјотресот во Битола доаѓа во најлош можен момент за клубот, со оглед што денеска ќе ѝ гостува на Струга, но веќе за пет дена зелено-белите ги чека дуелот од кој им зависи цела сезона на домашна сцена – пресметката дома против Вардар. Битолчани веќе сега имаат четири бода помалку од вардарци и се освен победа на оваа средба би значело и речиси збогување со шансите за одбрана на титулата.
Пелистер во наредниот период треба да објави кој ќе ја преземе функцијата шеф на стручниот штаб во продолжението на сезоната.