Вечерва е ждрепката за историското СП на кое може да игра и – Македонија!
На свечената церемонија, под строг протокол на ФИФА, музичкиот дел ќе го збогатат настапите на светски познатите уметници – италијанскиот тенор Андреа Бочели, британската ѕвезда Роби Вилијамс, американската пејачка Никол Шерзингер и други изведувачи. Настанот ќе го следи и американскиот претседател Доналд Трамп, додека водителскиот тим ќе го сочинуваат германскиот супермодел Хајди Клум и актерите Кевин Харт и Дани Рамирез.
Досега се познати 42 од вкупно 48 селекции, а преостанатите шест ќе бидат познати по мартовскиот бараж и автоматски ќе се најдат во четвртиот, најслаб шешир. Шанса да биде дел од оваа група има и Македонија, која со добрите игри во Лигата на нации дојде до место во баражот, каде што прво ќе ги одмери силите со Данска, а евентуално потоа за место на Мундијалот против победникот од пресметката меѓу Чешка и Ирска. За жал, двата дуели ќе ги играме на терените на противниците.
РАСПОРЕД НА ШЕШИРИТЕ ЗА ГЛАВНАТА ЖДРЕПКА
ПРВ ШЕШИР: Канада, Мексико, САД, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија, Германија
ВТОР ШЕШИР: Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија
ТРЕТ ШЕШИР: Норвешка, Панама, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка
ЧЕТВРТИ ШЕШИР: Јордан, Зелено’ртски Острови, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд + четири европски и два интерконтинентални победници од баражот
Распределбата по шеширите е направена според ФИФА ранг-листата од 19 ноември, а правилото останува исто како и досега - во една група не може да има две селекции од иста конфедерација, освен европските, кои може да бидат најмногу две. Деновиве интерес предизвика најавата дека Иран размислува да го бојкотира жребот поради политички тензии со САД, како домаќин на Мундијалот.
Во Европа ќе се играат четири баражни мини-турнири:
Бараж А: Велс – БиХ, Италија – Северна Ирска
Бараж Б: Украина – Шведска, Полска – Албанија
Бараж В: Словачка – селекција од регионот, Турција – Романија
Бараж Г: Чешка – Ирска, Данска – Македонија
Интерконтиненталните баражи нудат уште две места:
Бараж 1: Нова Каледонија – Јамајка, ДР Конго
Бараж 2: Боливија – Суринам, Ирак
Победниците ќе влезат во жрепката под ознаки како „победник од Бараж“, бидејќи нивните имиња нема да бидат однапред ставени во топчињата. Мундијалот во 2026 година ќе биде најголемиот досега – со 48 селекции распределени во 12 групи по 4 репрезентации. Во нокаут-фазата ќе продолжат првите две од секоја група, како и осумте најдобро пласирани третопласирани тимови – вкупно 32 учесници. Натпреварувањето ќе биде и логистички најкомплексно во историјата: ќе се одиграат 104 натпревари за само 39 дена, од 11 јуни до 19 јули. Домаќини се Канада со Ванкувер и Торонто, Мексико со Монтереј, Гвадалахара и Мексико Сити и САД со 11 градови.
Актуелен светски првак е Аргентина, која ја освои титулата во 2022 година.