Скандал во Турција: Приведени фудбалери на Фенер и Галата, во апсана и судии и газди!
Според информациите од Истанбул, во координирана операција на обвинителството се уапсени фудбалери, судии, функционери и поранешни претседатели на клубови. Меѓу првите приведени се играчите Мерт Хакан Јандаш од Фенербахче и Метехан Балтаџи од Галатасарај, како и судијата Зорбај Кучук. Турските медиуми јавуваат дека истовремено се вршат претреси на повеќе адреси низ земјата, вклучително и во домот на Јандаш. Кучук, пак, е задржан поради низа сомнителни финансиски трансакции откриени на неговите банкарски сметки.
Истражителите тврдат дека Балтаџи се обложувал на натпревари на сопствениот клуб, што е едно од најтешките прекршувања во спортското право. Во акцијата е опфатен и поранешниот претседател на Адана Демирспор, Мурат Санџак, кој заедно со уште неколку лица се сомничи за влијание врз натпревари во турските лиги. Канцеларијата на главниот обвинител потврди дека под истрага се 27 професионални фудбалери, а досега е јавно познато само името на Балтаџи.
Сопственикот на Анкараспор, Ахмет Окатан, претседателот Мехмет Емин Катипоглу и претседателот на Беледијеспор, Сахин Кају, заедно со двајца тренери, се сомничат дека влијаеле на резултатот од дуелот Анкараспор-Беледијеспор одигран во април минатата година. Дополнително, шест лица – меѓу нив и еден фудбалер – се приведени под сомнение за договорено влијание врз натпреварот Умранијеспор–Гиресунспор во 2023 година.
Уште рано утрово, вкупно 35 лица биле опфатени со налози за апсење, притвор, претреси и конфискација на имот. Ова е една од најмасовните и најсложените истраги за местење натпревари во Турција во последната деценија, а очекувањата се дека бројот на приведени и детали од истрагата ќе продолжат да растат во текот на денот.