Пелистер експресно го одреди тренер со кој ќе проба да си ја спаси сезоната!

Челниците на Пелистер само десетина минути по оставката на досегашниот тренер Рубен Гарабаја, соопштија дека раководењето со тимот до крајот на полусезоната ќе го преземе клупскиот директор Звонко Шундовски.

Тие истакнуваат дека популарниот Шундо повторно покажал подготвеност несебично да ја преземе одговорноста во клучен момент од сезоната 2025/2026, како што тоа го има направено и во минатото кога екипата имала потреба од стабилност и водство. Тој ќе ја води екипата сè до назначувањето на нов шеф на стручниот штаб, но речиси сигурно ќе биде на клупата до битката со Вардар (10 декември) во Битола во која сѐ освен победа би значело катастрофа за зелено-белите.

Пелистерци упатија и јавен повик до битолската спортска јавност и сите љубители на ракометот да застанат обединето зад клубот во претстојните предизвици.

„Да покажеме што значи љубов кон клубот, кон ракометот и кон Битола“, порачуваат од Еурофарм Пелистер.