Затоа играчите бегаат: Вардар бил во загуба 1,2 милиони евра во 2018!

Женската се растури, фудбалската не личи на себе, само ракометната екипа на Вардар одржуваше високо (резултатско) ниво во 2018 година. Меѓутоа, многуте заминувања од клубот навестија дека и овде почнала ерозија, за која сега се појави и потврда „црно на бело“.

Вардар бил во загуба 1.200.000 евра во 2018 година, вели извештајот објавен на Македонска берза. Клубот пријавил приходи од 307.035.893 денари од јануари до декември минатата година, но и покрај тоа, има загуба од 74.317.934 денари. Пријавен е и нето готовински текови од 1.004.984 денари, а според податоците немало никакви статусни промени или, пак, сопственички промени поголеми од 10 проценти.

Ова е прва официјална потврда на тешката финансиска состојба на Вардар, покрај срамежливите изјави од играчите и кулоарските муабети за доцнењето на платите. Не треба да се биде експерт да се сфати дека и голем дел од заминувањата на играчите се поттикнати од оваа лоша финансиска состојба, која, за воља на вистината, не се познава во резултатските перформанси. Вардар е на добар пат трета година по ред да се пласира на Ф4-турнирот во Келн, така што, несомнено, ова ќе биде уште една успешна сезона.

Како ќе биде идната, останува прашање за јавноста, веројатно и за играчите.