Вардар прифаќа да игра в петок, се чека согласност од Алкалоид!

Пелистер вчера се пожали за терминот кој го доби за полуфиналето од Купот на Македонија, денеска стигна реакција од Вардар во која велат дека прифаќаат тие да играат на тој ден, за тоа да се случи потребна е согласност и од Алкалоид.

Вардар и Алкалоид требаше да играат во четврток од 19:30 часот, а Пелистер и Тиквеш ден подоцна. Битолчани вчера го кренаа гласот за таквиот распоред, распукаа по Ракометната федерација на Македонија, а најавија дека ќе ги известат и меѓународните ракометни институции. Негодуваа дека ќе имаат ден помалку одмор за финалето.

Вардар денеска излезе со реакција и предложи да го променат тереминот, тие и Алкалоид да играат во петок, а Пелистер и Тиквеш во четврток.

„Ракометниот клуб Вардар секогаш го поддржувал спортскиот ферплеј, се залагал на терен да се реши кој е подобар. Работиме секогаш во интерес на ракометот и сакаме да придонесме тој да го задржи приматот на најуспешен екипен спорт во Македонија. Сакаме ракометните натпревари да бидат интересни, неизвесни и квалитетни, и да привлечеме нови млади да се занимаваат со спорт. 
Како вистински спортски џентлмени и во интерес на задоволување на сите барања и засегнати страни, сакаме да го предложиме следново:
Доколку се согласи нашиот противник во полуфиналето, екипата на РК Алкалоид, ние како клуб сме подготвени нашиот меѓусебен натпревар наместо во четврток како што претходно беше најавено од страна на РФМ, да го одиграме ден подоцна во петок. Иако ќе имаме ден помалку за подготвување за следниот меч, сметаме дека Вардар е доволно квалитетен и тоа нема да му пречи“, стои во соопштението на Вардар.