Вардар лесно го среди Тиквеш, Пелистер убедлив против Бутел

Во четвртото коло од плејофот во Суперлигата, Вардар и Пелистер дојдоа до четвртите победи, Црвено-црните со 32-24 го совладаа Тиквеш, а зелените со триумф од 34-22 се враќаат од гостувањето кај Бутел.

Вардар уште во првото полувреме му покажа на Тиквеш дека денеска нема за што да се надева. Домаќините го добија првото полувреме со 16-10 и јасно беше дека вториот дел ќе биде само формалност.

Во вторите 30 минути вардарци само рутински ја довршија работата и дојдоа до триумф од 32-24.

Најефикасен во составот на Вардар беше Петриќ со седум гола, Родригез постигна четири, за Тиквеш Гачевиќ погоди шестпати.

Слично беше и на мечот меѓу Бутел и Пелистер. Битолчани немаа милост за противникот. Првото полувреме го добија со 15-9.

Во вториот дел Пелистер продолжи да го полни голот на Бутел до конечна победа од 34-22.

Најефикасен на мечот беше Дејан Манасков со шест голови, за Бутел исто толку постигна Филип Николов.

Пелистер е прв со 11 бодови, пред Вардар со 10. Во следното коло се игра големото дерби меѓу овие две екипи, мечот е закажан за 24. април во Битола.