Вардар игра за 15. пехар и уште една двојна круна, Пелистер за прекин на сушата

Викендов ќе бидат поделени првите пехари за тековната сезона во македонскиот ракомет, а посебна атракција ќе биде потенцијалниот нов дуел меѓу Вардар и Пелистер во финалето од 29. издание на Купот на Македонија. Завршниот турнир почнува денеска, во Кавадарци со двете машки полуфиналиња, утре на програмата се женските, а недела ќе биде ден за финалиња.

Ждрепката се смилува на ракометните љубители, па Вардар и Пелистер се избегнаа во полуфиналната фаза, што значи денешните дуели би требало да им бидат само подготовка за вистинската фојна, в недела. Не е дека Пелистер 2 и Бутел не се без шанси, особено во натпреварување какво што е Купот, кое сведочело на многу сензации, сепак моментниите квалитативни разлики меѓу екипите не дозволуваат да очекуваме изненадување.

Прв ќе треба да си ја заврши полуфиналната задча Вардар, против вториот тим на Пелистер, од 17 часот. Не може овде да не се спомне поразот од истите млади момци, предводени од тренерот Александар Јовиќ, но тоа беше минатата есен, кога Вардар беше далеку од оваа константност што ја прикажува во продолжение на сезоната, а и натпреварот се играше пред битолска публика.

Овој дуел ќе биде прв услов за 15. пехар во Купот за вардарци, па нивото сериозноста и пристапот неминовно, ќе биде на највисоко ниво. Двата тима се сретнаа пред пет дена во Скопје и фаворитот славеше убедливо, со 34-23. 

Во второто полуфинале, од 20 часот, Бутел ќе има невозможна мисија против Пелистер. Досега оваа сезона битолчани трипати го совладаа третиот тим во Супер лигата, а најтесно беше на февруарското гостување во Бутел, кога победија со 23-21. Сепак, притисокот да се освои титула по пауза од 17 години (во 2005 двојна круна) е огромен и не станува збор Пелистер да се сопне во оваа фаза. Откако киксна со Вардар и загуби дома во Супер лигата, се освен пехар в недела ќе може да значи излезен билет за тренерот Жељко Бабиќ.

Вардар досега има 14 пехари во Купот, а ако освои викендов, најверојатно ќе стигне до втората двојна круна едноподруго. Пелистер, пак, пет пати го освојуваше Купот и првиот пехар по 2005 година би значел изедначување со Металург на листата со освојувачи.