Драма во Мајами: Меси блесна со гол и асистенција, ама промаши зицер за победа (ВИДЕО)

Екипата на Интер Мајами ноќеска ремизираше на домашен терен против Нешвил (2-2), лидерот во Источната конференција, во меч од американската МЛС лига.

Иако Лионел Меси го постигна својот 19-ти гол од почетокот на сезоната и му донесе предност на својот тим, гостите успеаја да се спасат од пораз во судиското надополнување. Со овој резултат се задржа бодовната разлика од девет бода помеѓу двата состави, а за составот од Флорида ова беше трето последователно реми во шампионатот.

Гостите од Нешвил стигнаа до водство уште во 4. минута преку погодокот на Сем Сариџ. Одговорот на домаќините не задоцни, па во 19. минута резултатот беше израмнет откако Рид Бејкер-Вајтинг ја смести топката во сопствената мрежа по острото нафрлување на Меси од удар од аголот. По паузата, аргентинскиот ас најпрво ја погоди пречката, а потоа во 62. минута ја материјализираше теренската иницијатива. По асистенцијата од Родриго де Пол, Меси упати прецизен удар од работ на шеснаесетникот за водство на Интер Мајами од 2-1.

Во самиот финиш од натпреварот, домашниот тим пропушти златна можност дефинитивно да го реши прашањето околу победникот. Во 89. минута, при контранапад од тројца на еден, топката стигна до Меси кој го совлада противничкиот голман, но не успеа да ја затресе мрежата. Казната за ова промашување пристигна во судиското надополнување, кога Сариџ најдобро се снајде при една одбиена топка од непосредна близина и ги постави конечните 2-2.