Аморим удри по Хрватот: Модриќ не може да игра на вакви натпревари!

Тренерот на Милан, Рубен Аморим, изрази делумно задоволство од извлеченото реми на синоќешното гостување кај Лацио (2-2), но упати жестоки критики за играта на својата екипа, особено за катастрофалното прво полувреме по кое „росонерите“ имаа негатива од два гола.

Португалскиот стратег истакна дека тимот не смее да си дозволи да одигра само едно квалитетно полувреме.

„Во првото полувреме воопшто нè немаше на теренот. Немавме енергија, губевме топки без никаков притисок и грешевме во едноставни додавања. Не смееме само така да подариме цело полувреме. Второто полувреме беше целосно поинакво. Внесовме енергија, бевме добри на топка и го контролиравме натпреварот. Убрзавме кога требаше, диктиравме темпо и застанавме на топка кога тоа беше нужно. Извлековме бод, но мораме подобро, бидејќи не може да се игра така што ќе одработиш само едно полувреме“, изјави Аморим, кој по првите 45 минути го повлече од игра Лука Модриќ.

Осврнувајќи се токму на хрватскиот играч за врска, Аморим објасни дека Модриќ имал проблеми поради тактичката поставеност и брзината на натпреварот. Тренерот забележал дека ветеранот се спуштал премногу блиску до стоперите, поради што недостигале играчи меѓу линиите. Со цел да се добие повеќе трчање во средината, на негово место беше воведен Мусах.

Аморим воедно ги отфрли критиките за стартната постава, кратко порачувајќи дека не е луд и не бира играчи со намера тимот да игра лошо.

„Мораме да бидеме добри со топката за Лука да се чувствува удобно. Ако натпреварот се претвори во постојана трка од една на друга страна, тоа не е игра за него. Сфативме дека ни треба повеќе трчање во средината на теренот, па го воведовме Мусах. Освен тоа, мислам дека Лука се спушташе преблиску до стоперите, па имавме четворица играчи за отворање на нападот, но ни недостигаа луѓе меѓу линиите. Можеме да играме со Лука, што покажавме на последните натпревари, но тогаш мораме да доминираме со поседот. Ако влеземе во тркачки двобој, тој во таков натпревар нема никакви шанси“, појасни Аморим.

Во завршната анализа, португалскиот стручњак ги посочи проблемите во нападот и неблагодарната улога на Гонзало Рамош. По четири одиграни кола во Серија А, Милан има собрано осум бода и моментално се наоѓа на петтата позиција на првенствената табела.

„Мораме да поминуваме повеќе време блиску до казнениот простор. Многу ја имаме топката, но сме предалеку од голот. Мораме да ја истуркаме екипата напред и подобро да се поврзуваме внатре во шеснаесетникот, а не таму да доаѓаме речиси исклучиво преку нафрлувања. На напаѓачот му е тешко кога се потпираш само на центрирања. Мораме да имаме повеќе опции, како втрчувањата на Пулишиќ или Сисе од втор план, бидејќи тогаш и Рамош ќе има повеќе прилики за контакт со топката“, заклучи Аморим.