Вардар го суреди Еурофарм и стана - шампион на Македонија!

На две кола до крајот на сезоната 2018/19, Вардар ја освои титулата во Суперлигата, станувајќи ракометен шампион на Македонија 13. пат во клупската историја. Во мечот кој даде и математичка гаранција за пехарот, го совлада Еурофарм работник со 36-29.

Дербито на првиот и вториот на табелата не беше ни сенка на оној возбудлив, изедначен натпревар во Битола, бидејќи Вардар тотално го надигра Еурофарм Работник. Тоа можеби и не дојде толку до израз во првото полувреме, кога битолчани, сепак, имаа минути на блесок успеваа да го одложат крајот, како на пример во периодот од 15. до 20. минута, кога со серија од 4-0 намалија на 8-9.

Вардар играше, можеби, во најсилниот состав, со Дисингер здрав, со Криштопанс расположен и со Милосављев разбранет, па предноста бргу се врати на највисоките плус пет во овој период, кои останаа и на паузата, со 19-14.

Во вториот дел веќе „немаше натпревар“! Еурофарм премногу често правеше грешки во нападот, Вардар постигна неколку гола на празна мрежа, па во 42. минута водството првпат стана двоцифрено, 27-17. До крајот битолскиот тим ја намали негативата со една серија од четири невозвратени гола, колку да го направи поразот поподнослив, а Роберто Парондо им даде шанса и на резервистите. Тимур Дибиров беше играч број еден со 10 гола, Филип Кузмановски постигна осум во поразениот тим.

На две комплетни кола до крајот на сезоната, Вардар собра 24 бода, шест повеќе од Еурофарм, па дури и да биде стигнат, ќе биде прв поради двете победи во мегусебните дуели.