Вардар бара одмазда за Купот, Металург по уште едно чудо!

Иако сезоната во ракометната Суперлига е веќе почната, македонскиот Супер куп ќе се одржи вечерва (20ч.), меѓу шампионот, Вардар и освојувачот на Купот, Металург. Арена на овој двобој е салата во Куманово, истата во која пред околу четири месеци сините од „Автокоманда“ го шокираа Вардар.

Давид Писонеро по само неколку натпревари на кормилото на Вардар добива шанса да игра за прв пехар, но тој и останатите нови ракометари нема да ја чувствуваат во стомакот потребата за одмазда, за реванш на единствениот пехар кој побегна минатата сезона.

Во целиот микс од очекувања за Келн и исчекувања за плати, вардарци влегоа преопуштени во финалето од Купот, а Металург мајсторски го искористи тоа за да ја разбие нивната хегемонија на домашната сцена.

Сега доаѓа прва шанса за реванш, во ситуација кога и двата клуба не се истите. Додека Вардар ги направи промените на кои навикна во последните две-три сезони, Металург доживеа преобразба каква што немал во последно време. Дојде тренер странец, покрај него и неколку играчи од околните земји, а си заминаа ракометари кои беа важни за тимот.

Во Автокоманда по пауза од три сезони повторно се игра суперлигашки ракомет и на есен, но уште првите две кола покажаа дека Металург има квалитет „да се прошета“ до плејофот. Прашањето е каде е тој квалитет во однос на главното мерило во македонскиот ракомет - Вардар.

Ова е трет Суперкуп на Македонија, првите два ги освои Вардар, еднаш против Металург, еднаш против Еурофарм работник во финалето.