Војдан вечерва ја раситнува „стотката“, ама почнува и да ја брка „илјадарката“ за Македонија!

Еден од најлегендарните македонски кошаркари, Војдан Стојановски, вечерва против Кипар (18 часот) по стоти пат ќе го облече дресот на Македонија, како прв македонски кошаркар во историјата кому му успеало такво нешто.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Но тоа нема да биде единствениот историски успех што ќе го брка на средбата против препотентните ривали од далечниот остров, кои не сакаат ниту да го кажат името на нашата држава. Тој на досегашните 99 средби на кои беше во составот, односно 92 на кои влезе во игра има постигнато вкупно 905 поени, што значи дека со секој поен ќе биде сѐ поблиску до историската „илјадарка“. Досега ниту еден македонски кошаркар ја нема надминато таа граница, а најблиску до тоа е рекордот во моментов, Петар Наумоски со 990 поени.

Поентерскиот опус на Војдан почна на неговиот трет меч за Македонија и тоа против селекцијата на Грција на стартот на ЕП 2009, кога реализира шест поени, а последниот му е против Австрија во август годинава, кога зад неговото име останаа запишани седум поени. Неговиот најефикасни средби се дуелите против Луксембург и Велика Британија, одиграни еден по друг во 2016 година во квалификациите за ЕП 2017 кога двапати постигна по 28 поени. Легендарниот бек-шутер уште пет пати ја надмина границата од 20 поени и тоа двапати против Естонија (2017 и 2020) со 26 поени и по еднаш против Швајцарија (2018) со 24 поени, Романија (2018) со 21 поен и против Словачка (2017) со 20 поени.

Неговиот просек во светиот дрес е на границата од 10 поени по натпревар, но неговиот учинок нигаш ниту можел ниту требал да се мери со бројки. Војдан едноставно бил од непроценлива важност за Македонија на секој од 99-те досегашни средби од првиот во 2008 година до вечерашниот против Кипар.