Арсими три меча без најдобриот стрелец, претставникот на Тиквеш суспендиран на три месеци

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија изрече низа санкции по случувањата на натпреварите од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига. Најлошо поминаа Лорик Каба-Јакупи од Арсими кој доби забрана за настап на три натпревари и претставникот на Тиквеш, Тодор Туриманџов, нема да може да ја извршува својата функција во следните три месеци.

Каба-Јакупи е казнет поради директниот црвен картон на гостувањето кај Скопје, на кое Арсими загуби со 2-1. Дефанзивецот беше исклучен во 25. минута, што претставуваше дополнителен хендикеп за гостинскиот состав во обидот да избегне пораз. Скопје на крајот стигна до победата со головите на Милош Гордиќ и Томче Гроздановски, додека за Арсими погоди Суби Мустафа. Отсуството на Каба-Јакупи ќе биде проблем за Арсими бидејќи станува збор за најефикасниот играч на овој тим во Првата лига, со четири гола.

Втората санкција се однесува на Тодор Туриманџов, претставник на Тиквеш, кој доби тримесечна забрана за вршење функција поради директниот црвен картон на натпреварот против Вардар. Тиквеш, инаку, приреди убедливо изненадување во Скопје, славејќи со 3-0 против Вардар на Градскиот стадион во Скопје. 

ФФМ покрена постапки против Пелистер, Тиквеш и Тетекс поради користење пиротехнички средства на нивните навивачи, а Баже Јанакиевски од Работнички го суспендира на еден месец.