Рајт возбуден пред мечот против Кипар: Едвај чекам да заиграм пред македонската публика!
Рајт за првпат ќе настапи во дресот на Македонија пред домашната публика во Скопје.
„Навистина сум возбуден затоа што ова ќе биде првпат да играм во дресот на националниот тим пред домашната публика, овде во Скопје. Кипар е добра репрезентација, која летово, во подготвителниот период, играше доста добро против силна селекција каква што е Грција. Победија и против Австрија, што покажува дека станува збор за квалитетен противник. Верувам дека ќе биде добар натпревар, но искрено верувам дека ние ќе бидеме подобри и дека ќе победиме“, кажа Рајт.
Репрезентативецот на Македонија кажа дека е возбуден пред настапот во салата „Лазар Лечиќ“.
„Да, соиграчите веќе ми најавија дека овде сепак сè е малку поинаку. Ми кажаа дека присуството на домашните навивачи носи дополнителна енергија и дека на противниците им е тешко да играат во оваа сала, која има голема историја. Подготвен сум да го дадам максимумот од своите можности и да помогнам во создавањето нови убави моменти со националниот тим на Македонија“, вели кошаркарот.
Натпреварот меѓу Македонија и Кипар се игра денеска од 18 часот, а преносот ќе биде на „МРТ1“.