Тиквеш го „закова“ Радовиш на дното, Бутел без проблеми го реши Прилеп

Ракометарите на Тиквеш триумфираа на гостувањето кај Радовиш со 35-23, додека Бутел славеше на домашен терен против Прилеп со 25-18.

Екипата од Кавадарци нападна од самиот почеток и уште во првиот дел (16-11) најави дека ќе ја прекине лошата серија во ракометната Суперлига.

Тиквеш беше одличен и во второто полувреме во кое продолжи да ја полни мрежата на домаќинот за триумф од 35-23.

Најдобар во победничкиот тим беше Јован Даневски со 11 голови, додека Славе Јанковски постигна седум погодоци за Радовиш.

Бутел имаше тежок почеток на дуелот со Прилеп и негатива од 7-8, но во одлична завршница го доби првото полувреме со 11-8. Во вториот дел, гостите успеаа да израмнат на 16-16, но скопскиот тим со серија од 4-0 му избега на противникот и на крајот триумфира со 25-18.

Најефикасен стрелец кај Бутел беше Дејан Михајловиќ со четири погодоци, додека Томислав Квастек постигна пет гола за Прилеп.