Со меч помеѓу шампионите и ветераните на Вардар свечено ќе се отвори „Расадник“!

Со ревијалниот натпревар помеѓу актуелниот ракометен шампион Вардар и ветераните на овој клуб в четврток (11 јуни) и свечено ќе биде отворена целосно реконструираната спортска сала „Расадник“ во Кисела Вода.

Свеченоста ќе започне во 10.30 часот, а посетителите ќе имаат можност да ја видат новата модернизирана спортска сала, како и да проследат богата програма со спортски демонстрации и активности за сите генерации. Во текот на денот се предвидени и дружења со спортисти и спортски легенди, како и презентации на повеќе спортови, со што „Расадник“ ќе биде промовиран како нов центар за развој на спортот и младинските активности во главниот град.

Салата во иднина ќе биде еден од клучните спортски објекти во Скопје, а ќе биде домаќин и на натпреварите на Вардар во домашните натпреварувања. На свеченоста ќе се обратат градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерот за спорт Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски.

Влезот за сите посетители ќе биде слободен.